Потребна ви е помош со Evrotrust апликацијата?
Доколку имате потешкотии при користењето на апликацијата Evrotrust или на квалификуваниот електронски потпис, не грижете се! Подолу ќе ги најдете одговорите на некои од најчесто поставуваните прашања. Ако не можете да ја пронајдете информацијата што ви е потребна, слободно контактирајте го нашиот тим за поддршка преку контакт формуларот.
Често поставувани прашања
- Како да се регистрирам и да добијам електронски потпис од Evrotrust?
- Што да направам ако автоматската видео-идентификација не ме препознае?
- Што да направам ако не добијам код за потврда на мојот телефонски број?
- Што да направам ако не добијам код за потврда на мојата е-пошта?
- Го заборавив мојот ПИН. Што да направам?
- Можам ли да користам Evrotrust на повеќе од еден уред?
- Можам ли да го деактивирам/избришам мојот Evrotrust профил?
- Што ако го изгубам мојот уред или ми биде украден?
- Можам ли да отстранам, избришам или одбијам потпишан документ?
- Како да се најавам на мојот профил преку порталот Evrotrust?
- Кој формат треба да имаат документите што ги потпишувам?
- Како да потпишам документ или да испратам документ на потпис?
- Како да ги преземам моите потпишани документи од мојот профил на Evrotrust?
- Дали е бесплатно користењето на Evrotrust?
- Како да додадам потписи во мојот Evrotrust профил?
- Како можам да ја откажам мојата претплата?
- Како се заштитени моите податоци?
- Дали се чуваат личните податоци и колку долго?
- Колку години треба да имам, за да ми биде издаден електронски потпис?
Како да се регистрирам и да добијам електронски потпис од Evrotrust?
За да добиете електронски потпис од Evrotrust, потребно е да се регистрирате. За успешна регистрација ви се потребни важечки документ за идентификација, паметен уред со исправна предна и задна камера и стабилна интернет-врска.
Можете да се регистрирате преку апликацијата Evrotrust, достапна за преземање од App Store, Google Play и App Gallery.
За да ви биде издаден сертификат за квалификуван електронски потпис, законот бара претходно да се идентификувате. Овој автоматизиран процес трае околу 2 минути и се извршува преку мобилната апликација. Веднаш потоа ќе ви биде издаден сертификат за далечински квалификуван електронски потпис.
Што да направам ако автоматската видео-идентификација не ме препознае?
За успешно автоматско препознавање на лицето, застанете свртени кон извор на светлина. Доколку носите капа или очила, отстранете ги и држете го уредот во висина на очите. Гледајте директно во камерата. Во овалната рамка треба да биде прикажано само вашето лице, од брадата до челото.
Следете ги упатствата на екранот и, доколку е потребно, приближете го или оддалечете го лицето сè додека кругот не престане да се врти. Откако ќе престане, држете го уредот мирно додека не добиете порака за успешно или неуспешно препознавање.
Што да направам ако не добијам код за потврда на мојот телефонски број?
Потврдата на телефонскиот број е дел од процесот на регистрација и идентификација на вашиот профил во Evrotrust. Ако не го добиете кодот за потврда, обидете се со следново:
- Проверете дали телефонскиот број е правилно внесен. Ако сте направиле грешка при првичното внесување, можете да ја исправите со кликнување на копчето „Додај“;
- Проверете дали кодот на државата е точен, доколку автоматски избраниот код не одговара на државата што сакате да ја регистрирате;
- Проверете ја папката „Спам/Несакани пораки“ во апликацијата за пораки на вашиот телефон.
- Проверете дали примањето SMS-пораки не е блокирано од вашиот мобилен оператор (ова особено се однесува на пораки од кратки броеви ако користите припејд SIM-картичка).
- Проверете дали не е достигнат максималниот број на примени SMS-пораки.
- Побарајте нов код со кликнување на копчето „Испрати нов код“.
Имајте предвид дека приемот на SMS-пораки не може секогаш да се гарантира кога сте во роаминг. Ако се наоѓате во роаминг, препорачуваме рачно да ја изберете мобилната мрежа во земјата во која престојувате и повторно да побарате код.
Ако вашиот мобилен уред користи две SIM-картички, само една од нив може да прима SMS-пораки. Препорачуваме да ја ставите SIM-картичката во друг телефон за да проверите дали проблемот е поврзан со уредот или со самата SIM-картичка.
Проверете дали има достапни софтверски ажурирања за вашиот уред.
Исто така, препорачуваме да го рестартирате мобилниот уред.
Што да направам ако не добијам код за потврда на мојата е-пошта?
Внесувањето на е-пошта е дел од процесот на регистрација. Нејзината потврда може да биде предуслов за потпишување документи со некои од интегрираните партнери на Evrotrust. Ако не добиете код за потврда на е-пошта, обидете се со следново:
- Проверете дали адресата на е-пошта е правилно внесена. Најавете се во апликацијата Evrotrust и изберете „Поставки“ – „Профил“ – „Е-пошта“. Таму можете да додадете точна адреса на е-пошта и да ја отстраните погрешната откако новата адреса ќе биде потврдена.
- Проверете ја папката „Спам/Несакана пошта“.
- Ако вашето сандаче е полно, избришете дел од е-пораките.
- Побарајте нов код со кликнување на копчето „Испрати нов код“ во секцијата „Е-пошта“ во мобилната апликација.
Имајте предвид дека може да има доцнење доколку користите мобилна апликација за проверка на е-поштата.
Ако добиете повеќе пораки со код за потврда, користете го последниот добиен код за потврда на вашата е-пошта.
Го заборавив мојот ПИН. Што да направам?
Ако го заборавите вашиот ПИН, внесете произволен ПИН за да се прикаже на екранот опцијата за обновување на ПИН. За да продолжите, внесете број на документ за идентификација и држава, адреса на е-пошта или телефонски број. Последните два начина на идентификација може да се користат само ако претходно биле потврдени во мобилната апликација.
Потоа, по успешна биометриска проверка (препознавање лице), ќе можете да поставите нов ПИН.
Можам ли да користам Evrotrust на повеќе од еден уред?
Да! Evrotrust можете да го користите на неограничен број уреди. Потребно е само да ја инсталирате апликацијата Evrotrust на вашиот нов паметен телефон или таблет и да се најавите на вашиот профил.
Можам ли да го деактивирам/избришам мојот Evrotrust профил?
Да, можете. За да го направите тоа:
- Најавете се во мобилната апликација Evrotrust.
- Изберете „Поставки“.
- Отворете ја секцијата „Профил“.
- Изберете „Деактивирање на профилот“.
- Кликнете „Продолжи“.
- Потврдете го барањето со кликнување на „Деактивирај“.
Со деактивирање на профилот ќе го изгубите пристапот до сите документи зачувани во секцијата „Историја“. Затоа, препорачуваме да ги преземете вашите документи пред да го деактивирате профилот.
Што ако го изгубам мојот уред или ми биде украден?
Нема причина за грижа. Дури и ако некој се обиде да ја активира апликацијата Evrotrust на вашиот уред, ќе му бидат потребни вашиот ПИН, отпечаток од прст, препознавање лице или друг биометриски начин на автентикација за да добие пристап. Комбинацијата од повеќе фактори за автентикација обезбедува високо ниво на заштита и ја гарантира безбедноста на вашиот профил.
Во секое време можете да се јавите на телефонските броеви за поддршка на Evrotrust и да побарате деактивирање на вашиот профил.
Можам ли да отстранам, избришам или одбијам потпишан документ?
Документите потпишани преку мобилната апликација Evrotrust не можат да се отстранат, избришат или одбијат.
Документот може да се одбие само пред да биде потпишан, додека се наоѓа во секцијата „Документи“. Кога ќе добиете покана за потпишување, наместо да го потпишете документот, притиснете го копчето „X Одбиј“ („Reject“).
Како да се најавам на мојот профил преку порталот Evrotrust?
Следете ги овие чекори за успешно да се најавите на порталот Evrotrust:
- Кликнете на копчето „Најави се“ и изберете еден од следните начини на идентификација (изберете само еден): Држава и број на документ за идентификација*/ потврден телефонски број/потврдена адреса на е-пошта**.
- Најавете се во мобилната апликација Evrotrust и потврдете го барањето за најава.
- Тоа е сè! Сега можете да пристапите до вашиот профил на Evrotrust.
* Ако впри внесување на бројот на документот за идентификација и државата се појави порака дека треба да внесете валидни податоци, тоа значи дека не сте регистрирани во мобилната апликација Evrotrust. Изберете го копчето „Регистрирај се“ за да креирате профил.
** Ако сте внеле адреса на е-пошта или телефонски број и се појави порака дека треба да внесете валидни податоци, тоа значи дека тие не се зачувани како потврдени идентификатори во вашиот профил. Во тој случај, препорачуваме да ја изберете опцијата „Држава и број на документ за идентификација“ (доколку вашиот документ содржи идентификациски број).
Кој формат треба да имаат документите што ги потпишувам?
Со Evrotrust можете да потпишувате документи во различни формати. Потписот може да биде „Прикачен“ (Attached) или „Одвоен“ (Detached). Опцијата „Прикачен“ е достапна само за документи во формат .pdf и .xml, додека опцијата „Одвоен“ може да се користи за сите типови датотеки.
За пакет документи или за документ што се испраќа до повеќе приматели, достапна е само опцијата „Прикачен“. Вкупната големина на датотеките не смее да надмине 5 MB.
Како да потпишам документ или да испратам документ на потпис?
Можете да испратите документ на потпис до себе или до друго лице. Тоа може да го направите преку мобилната апликација Evrotrust или преку веб-порталот.
Испраќање документ за потпис преку мобилната апликација Evrotrust:
- Најавете се во мобилната апликација Evrotrust.
- Отворете ја секцијата „Документи“.
- Притиснете го копчето „+ Додај документ“ во средината на екранот.
- Изберете документ од меморијата на вашиот телефон.
- Притиснете го зеленото копче „Потпиши“.*
- Изберете го начинот на потпишување.
- По успешно потпишување, документот ќе го најдете во „Документи“ → „Историја“ → „Примени“.
Испраќање документ за потпис преку веб-порталот Evrotrust:
- Отворете го веб-порталот на Evrotrust.
- Кликнете на копчето „Најави се“ и најавете се на вашиот профил.
- Отворете ја секцијата „Ново“.
- Внесете го бројот на документот за идентификација и државата, потврдениот телефонски број или потврдената адреса на е-пошта на лицето на кое сакате да му го испратите документот. Ако сакате да испратите документ до повеќе приматели, кликнете „+ Додај примател“. Максималниот број приматели е 15.
- Кликнете на копчето „Избери датотека“. Можете да изберете документ зачуван на вашиот компјутер или во некоја од услугите за складирање во облак, како што се Dropbox, iCloud, OneDrive или Google Drive. Ако сакате да испратите повеќе документи, кликнете „+ Додај документ“. Вкупната големина на документите не смее да надмине 5 MB.
- Ако сакате да испратите документ потпишан со „Одвоен потпис“ или со опцијата „Вклучи временски печат“, изберете „Напредни опции“.
- Кликнете на копчето „Испрати“ за да го испратите документот на потпис.
Препорачуваме, покрај вашиот профил на Evrotrust, да чувате копија од потпишаните документи и на друга безбедна локација.
Како да ги преземам моите потпишани документи од мојот профил на Evrotrust?
Потпишаните документи можете да ги преземете на два начина:
Преку мобилната апликација Evrotrust
- Најавете се во мобилната апликација Evrotrust.
- Отворете ја секцијата „Документи“.
- Изберете „Историја“.
- Кај документот што сакате да го преземете, притиснете го копчето „Сподели“.
- Изберете ја локацијата каде што сакате да го зачувате документот.
Преку веб-порталот Evrotrust
- Отворете го веб-порталот на Evrotrust во вашиот интернет-прелистувач.
- Кликнете на копчето „Најави се“ и најавете се на вашиот профил.
- Изберете „Преземи“.
- Изберете го документот што сакате да го преземете.
- Кликнете на копчето „Преземи“.
Дали е бесплатно користењето на Evrotrust?
Да, преземањето и инсталирањето на мобилната апликација Evrotrust се бесплатни. Бесплатно е и издавањето сертификат за квалификуван електронски потпис (КЕП). Со бесплатниот план добивате три квалификувани електронски потписи или три далечински идентификации.
Во повеќето случаи, бесплатни се и далечинските идентификации и документите што нашите интегрирани партнери ви ги испраќаат за потпишување. Листата на партнери можете да ја најдете во делот „Каде да се користи“ на нашата веб-страница.
Како да додадам потписи во мојот Evrotrust профил?
Ако ги искористите бесплатните потписи што ги добивате при регистрацијата во апликацијата Evrotrust, можете да изберете еден од достапните претплатнички планови. За да го направите тоа:
- Најавете се во мобилната апликација Evrotrust.
- Отворете ја секцијата „Претплата“ и изберете ги планот и понудената опција што најдобро одговараат на вашите потреби. Во оваа секција ќе ја видите и точната цена за избраниот претплатнички план.
- Притиснете „Потврди“.
- Ќе бидете пренасочени кон соодветната продавница за апликации на вашиот уред како: App Store, Google Play, или App Gallery , каде што можете да го извршите плаќањето.
Како можам да ја откажам мојата претплата?
Претплатата можете да ја откажете преку продавницата за апликации од која е активирана (App Store, Google Play, и App Gallery) на следниов начин:
- Play Store: под Плаќања и претплати (достапно од иконата на профилот во горниот десен агол) > Претплати;
- App Store: во Поставки> Apple ID > Претплати;
- App Gallery: во делот Плаќања и претплати > Претплати.
Како се заштитени моите податоци?
Вашите лични податоци се собираат, чуваат и обработуваат во согласност со сите прописи за заштита на личните податоци што се применуваат на нашето работење, вклучувајќи ја, но не ограничувајќи се на, Регулативата (ЕУ) 2016/679 (GDPR) и важечкото законодавство за заштита на личните податоци.
При обработката на вашите лични податоци, Evrotrust применува логички и физички мерки за заштита, усогласени со барањата на следните стандарди: ISO/IEC 27001, ISO/IEC 27701, ISO 9001, ISO 22301 и ISO/IEC 20000-1. Собраните податоци поврзани со обезбедувањето на услугите за електронска идентификација и автентикација се чуваат во безбедна (шифрирана) форма, а пристап до нив имаат исклучиво овластени лица.
Дали се чуваат личните податоци и колку долго?
Во согласност со важечкото законодавство што се применува на нашето работење (CRC и Регулативата (ЕУ) 910/2014), Evrotrust, како давател на квалификувани доверливи услуги, има законска обврска безбедно и сигурно да ги чува сите информации собрани во врска со обезбедувањето на услугите за сертификација за целото времетраење на услугата и уште 10 години по нејзиното престанување.
Важно: Обврската на Evrotrust за чување на вашите лични податоци не престанува со раскинување на договорот, престанок на користењето на нашите услуги или деактивирање на вашиот профил. Повеќе информации за видовите лични податоци што се собираат и обработуваат, како и за роковите на нивно чување, можете да најдете во нашата Политика за приватност.
Колку години треба да имам, за да ми биде издаден електронски потпис?
За да ви биде издаден сертификат за квалификуван електронски потпис (КЕП), мора да имате најмалку 18 години.
Сертификатот за квалификуван електронски потпис (QESC) е правно обврзувачки инструмент, па затоа неговиот носител мора да има целосна деловна способност. Во земјите од Европската Унија, таа се стекнува со навршување 18 години. Поради тоа, малолетните лица (под 18 години) не можат да добијат QESC, бидејќи не можат целосно да ја преземат правната одговорност за своите дејствија.
Ова ограничување е во согласност со барањата на Регулативата (ЕУ) бр. 910/2014 (eIDAS), која ги утврдува условите за издавање и користење на квалификувани електронски потписи.

